Кон нехомофобично и нехетеросексистичко образование

December 29th, 2011 by irena

„Образованието ќе биде насочено кон целосниот развој

на човековата личност и кон зајакнување и почитување

на човековите права и основни слободи.“ (чл. 26 од УДЧП, 1948)

Кон недискриминациско образование

Државите имаат обврска да обезбедат образование насочено кон целосниот развој на човековата личност и кон зајакнување и почитување на човековите права и основни слободи. Токму затоа, образованието мора да биде ослободено од сите форми на дискриминација. Следствено, образовните програми и материјали треба да бидат ревидирани за да не содржат елементи, не само од расна, верска и од етничка дискриминација, туку и од дискриминација врз основа на сексуалната ориентација и на родот (вклучително и на родовиот идентитет и / или изразување).

Според специјалниот известувач за правото на образование на ОН, ова право подразбира и право на сеопфатно сексуално образование, кое се смета за „основно орудие за докрајчување на дискриминацијата кон лицата со поинакви сексуални ориентации“.Специјалниот известувач  на Обединетите нации во потполност го прифати принципот дека „сите лица имаат право на образование, без дискриминација врз основа на (и земајќи ја предвид) нивната сексуална ориентација и нивниот родов идентитет.“

Поаѓајќи од потребата за почитување на сексуалните, родовите и на културните разлики, со години наназад ОН развиваат стандарди за сеопфатно сексуално образование што треба да започне од најмалата возраст. Според насоките на УНЕСКО, „безбедноста во училишната средина треба да биде зајакната со антихомофобични политики и со политики против родовата дискриминација, кои се конзистентни со наставната програма“.  Секако, за да може да се спроведе ваквата насока, се претпоставува постоење на наставни програми и на наставни содржини што не дискриминираат, туку го адресираат проблемот со сексуалната и со родовата дискриминација.

Почит кон сексуалната различност и кон различните потреби

„За да биде сеопфатно, сексуалното образование мора да посвети особено внимание на различноста, бидејќи секој(а) има право да се занимава со неговата или нејзината сексуалност без да биде дискриминиран(а) врз основа на сексуалната ориентација или родов идентитет.“

Образованието треба да одговара на потребите на учениците и на студентите од сите сексуални ориентации и родови идентитети. Во таа смисла, правото на образование подразбира и обврска на државата да обезбеди едукативни методи, наставни програми и други ресурси што, меѓу другото, ќе го зајакнат разбирањето и почитувањето на различните сексуални ориентации и родови идентитети, земајќи ги предвид посебните потреби на учениците, нивните родители и на членовите на семејството.

За да овозможи спроведување на правото на образование, секоја држава мора да обезбеди и сексуално образование за младите, на научна и на недискриминациска основа. Ваквата обврска подразбира и програми за сексуално образование што не ги зајакнуваат стреотипите и не ги преповторуваат предрасудите во поглед на сексуалната ориентација, родот, родовото изразување / идентитет.

Нема место за дискриминациски учебници во образованието

Државата има позитивна обврска, во образовниот процес, да оневозможи дискриминациски и негаторски ставови врз основа на сексуалната ориентација или родовиот идентитет / родовото изразување. Најдобра илустрација за ваквата позитивна обврска е одлуката на Европскиот комитет за социјални права по апликацијата на Интерајтс (INTERIGHTS) против Хрватска. Комитетот во 2009 г. заклучи дека во еден учебник по биологија постоеле дискриминациски ставови и дека тоа претставува повреда на правото на заштита на здравјето од Европската социјална повелба. Комитетот образложи дека официјалното одобрување или овозможување на учебници што содржат антихомосексуални ставови (на пр., „хомосексуалните врски се главен виновник за ширење на сексуално преносливи инфекции“) е неисполнување на позитивните обврски на државата. Имено, државата има обврска да обезбеди „ефективно спроведување на правото на заштита на здравјето со помош на недискриминациско образование за сексуално и репродуктивно здравје“. Таквото образование не треба да го „продолжува или зајакнува социјалното исклучување и негирањето на човековото достоинство“.

По одлуката, и Комитетот на министри на Советот на Европа потенцираше дека во сексуалното образование нема место за дискриминациски и негаторски ставови кон „нехетеросексуалците“. Министерството за образование на Хрватска мораше веднаш да го отстрани учебникот од наставата.

Потребата за измена на наставните програми и материјали

Најновите принципи и препораки на ОН, во поглед на сеопфатното сексуално образование, наложуваат и ревидирање на наставните програми и материјали што содржат дискриминациски ставови врз основа на сексуалната ориентација и на родовиот идентитет / родовото изразување. Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Томас Хамарберг, истакна дека „постои голема потреба за прегледување на наставните програми и на учебните материјали во сите земји-членки на Советот на Европа“. Оваа потреба е истакната и во една од препораките на Комитетот на министри на Советот на Европа, која ги повикува земјите-членки да им обезбедат на „учениците и студентите неопходни информации, заштита и поддршка што ќе им овозможи да живеат во согласност со нивната сексуална ориентација и со нивниот родов идентитет“.

Во јавниот апел „Училиштата мора да го запрат ширењето на хомофобични и на трансфобични пораки“, Комесарот за човекови права укажа дека дури минатово лето, кај нас, беше донесена одлука за ревидирање на училиштен учебник, кој ги опишуваше хомосексуалците како „невротични и психотични личности“ со „изопачен, неприроден и ненормален сексуален живот“.

Имено, Комесарот за човекови права се повика на одлуката на Комисијата за заштита од дискриминација, која препорача ревидирање на учебникот „Педагогија“, поради тоа што оспорената содржина „претставува вознемирување што предизвикува чувство на пониженост и повреда на достоинството на група луѓе од страна на Министерството за образование и наука и од страна на авторите на учебникот, која се темели на дискриминациска основа,…“.

На потребата од измена на наставните материјали укажува и Извештајот на ЕК за 2011 година, во кој се истакнува дека ЛГБТ-заедницата продолжува да биде подложена на дискриминација и стигматизација: „Универзитетските и средношколските учебници ја третираат хомосексуалноста како болест“. Во овој контекст, извештајот потенцира дека, главно, постои потреба да се подигне свеста, не само за одредбите содржани во Законот за недискриминација, туку и во врска со принципите на почит и на толеранција кон различноста.

Укажувања и барања на здруженијата на граѓани

Повеќе здруженија на граѓани, активисти за човекови права и на експерти, укажуваа на потребата за ревидирање на дискриминациските содржини од учебните материјали. Така, на пример, во истражувањето на Х.Е.Р.А, каде што се анализирани повеќе наставни содржини од средното и од основното образование, се истакнува дека „повеќето учебници нудат дискриминациски  перспективи  кон  лицата  со  поинаква  сексуална  ориентација,  а понудените информации развиваат негативни стереотипни вредности и поттикнуваат ширење на хомофобија кај учениците“.

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија најостро реагираше на „публикацијата и употребата на три учебници што активно се користат од страна на студентите на факултетите за медицина, стоматологија и за психологија. Хелсиншкиот комитет забележа дека „во сите овие учебници хомосексуалноста се третира како болест и како социопатолошка појава и како растројство на сексуалниот нагон“.

И Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ неколкупати до министерот за образование упатуваше барање министерството да спроведе систематска ревизија на целокупните образовни програми, со што би се коригирале и би се спречиле сите можности за хомофобија и секаков друг вид на говор на омраза и дискриминација во образовниот систем“.

За жал, до пишувањето на овој увод, од Министерството за образование не добивме повратна информација дали е воопшто разгледувано нашето барање.

Стручни анализи и препораки за измена на наставните содржини

За да ја подигне јавната свест за потребата од итни измени на наставните материјали што третираат теми во врска со сексуалната ориентација, родот и со родовиот идентитет/ родовото изразување, Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ одлучи да објави мал зборник со неколку стручни анализи на дел од учебниците за средно и за високо образование.

Стручните анализи се подготвени од избрани учени луѓе, кои ги идентификуваат проблемите од својата област и даваат препораки и насоки за измена на проблематичните наставни содржини во врска со сексуалната ориентација, родот и со родовиот идентитет / родовото изразување.

Во зборников се анализирани следниве 6 учебници за средно образование: „Граѓанско образование за средни стручни училишта“, „Вовед во право за средно образование“, „Педагогија за трета година на реформираното гимназиско образование“, „Социологија за четврта година“, „Етика за втора година – гимназиско образование“ и „Филозофија за IV година – реформирано гимназиско образование“.

Анализирани се и следниве 8 учебници за високо образование: „Социологија“, „Социјална патологија“, „Семејно право“ (наменета за студентите по право), книгата „Политика на човековите права – основни поими“ (наменета за студентите по социологија), „Психологија на детството и адолесценцијата“, „Психологија на возрасните и стареењето“, „Психологија на родот: Родовиот идентитет и родовите улоги“, „Медицинска психологија“ и „Психијатрија“.

Хомофобија и хетеронормативност во учебниците за средно образование

Анализите на учебниците за средно образование укажуваат на хетеронормативни содржини, каде што ЛГБТ-темите и ЛГБТ-лицата се претставуваат негативно, каде што тие се исклучени (од дефиницијата за љубов, и за семејство) и се занемарени или потполно невидливи.

1) Хомосексуалноста како девијација

Во анализата на учебникот „Граѓанско образование“, книгата се критикува, затоа што „хомосексуалноста ја набројува во една од основните форми на девијантни појави, односно како нарушување на неформалните општествени норми“. Ваквото дефинирање од страна на авторите има сериозни последици: „ги зацврстува стереотипите и предрасудите кон лицата со хомосексуална ориентација, хомосексуалноста и дебатата околу неа ги смета како забранети, влијае на изолација на лицата со хомосексуална ориентација, но и ја потикнува омразата и насилството спрема нив“.

2) ЛГБТ-лицата исклучени од дефиницијата за љубов

Анализата на учебникот „Педагогија“ не се осврнува само на оние дискриминациски содржини што се веќе исфрлени по препораката на Комисијата за заштита од дискриминација. Во анализата се укажува на тоа дека во учебникот се промовира и исклучувачка дефиниција за љубовта „како појава во која еден човек тежнее кон одредена личност од спротивниот пол“.

3) Хетеронормативно исклучување на ЛГБТ-лицата од дефиницијата за семејство

Анализата на учебникот „Етика“, покрај нотирањето на вклучувачките елементи, ја нотира и исклучувачката „хетеронормативна дефиниција: „Семејството е врска на маж и жена, чија цел е заедничко живеење […]“.

4) Занемарување на ЛГБТ-темите

Анализата на учебникот „Социологија“ (за четврта година) укажува на тоа дека е несфатливо занемарувањето на ЛГБТ-движењето во поглавјето за општествени движења, како и занемарувањето на ЛГБТ-темите во контекст на детално покриените теми за ЕУ, човековите права, државјанството, семејството.

5) Потполна невидливост на женскиот род и на нехетеросексуалниот маж

Анализата на учебникот „Филозофија“ укажува на тоа дека „родово-неутралниот и „квир-неутралниот говор“ во овој учебник произведува ефект на „неутрализација“ – потполна невидливост на женскиот род и на нехетеросексуалниот маж од дискурсот на историја на филозофијата застапен во него“.

Хомофобија и хетеронормативност во учебниците за високо образование

Анализите на учебниците за високо образование посочуваат на мноштво хетеросексистички и хомофобични ставови отфрлени од релевантните здравствени и научни организации во светот – содржини во кои се патологизира хомосексуалноста, во кои се стигматизираат ЛГБТ-лицата (како „девијантни“ и „ненормални“), во кои се занемаруваат ЛГБТ-темите, вклучително и дискриминациски содржини, во кои се пропагираат религиозни догми.

1. Патологизација на хомосексуалноста

1.1.Анализата на учебникот „Медицинска психологија“ посочува на последиците од непрофесионалната и исклучувачка дефиниција за нормална сексуална активност:  „Ограничувајќи ја нормалноста на сексуалната активност само на хетеросексуална, авторите експлицитно ставаат до знаење дека секоја друга сексуална активност освен именуваната, т.е. сексуалната активност помеѓу лица со друга сексуална ориентација (хомосексуална и бисексуална) не може да се смета за нормална.“

Во анализата се заклучува дека авторите користат застарени класификации и дека „изнесените тврдења во однос на ‚сексуалноста кон лица од ист пол‘ т.е. на лицата со хомосексуална ориентација, не се стручно и научно поткрепени, се базираат на произволни ставови и предрасуди, со кои авторите овие лица ги етикетираат како ненормални, ги патологизираат како ментално ретардирани,  растроени и / или како психопатски личности и  жестоко ги стигматизираат лицата со хомосексуална ориентација“. Исто така, се укажува дека во него се фаворизира хетеросексуалноста, бидејќи се дијагностицира како девијантно и перверзно секое сексуално задоволство што не се постигнува со „пенетрација на пенис во вагина“.

1.2. Анализата на учебникот „Психијатрија“ (том 1 и том 2), укажува на тоа дека хомосексуалноста најчесто се третира како „дисфункција, настраност или растројство“ и дека „авторите користат толкувања, ставови и класификации што не се базираат на современата научна мисла и не се во склад со постојните официјални документи за класификација на болестите / растројствата“.

1.3. Анализата на учебникот „Социјална патологија“ посочува на содржини и термини (како терминот „хомосексуализам“), со кои се медикализира и патологизира хомосексуалноста, како и ЛГБТ-лицата. Во анализата се заклучува дека таквите содржини можат да се сметаат како „форма на дискриминациски јазик, бидејќи им противречат, како на медицинските истражувања (според стандардите на СЗО), така и на правните норми“.

1.4. Анализата на учебниците по психологија посочува дека во сите учебници „се изјавува дека хомосексуалците се лица со ментални нарушувања“.

2) Хетеронормативна пристрасност

Анализите покажуваат мноштво содржини во кои хомосексуалноста се карактеризира како форма на девијација, врз основа на претпоставката дека единствено хетеросексуалноста е „нормална“. Така, во учебникот „Социјална патологија“ хомосексуалноста е опишана како ненормална и девијантна појава во современите цивилизирани земји, во учебникот „Социологија“ е наброена меѓу формите на девијација, заедно со проституцијата и наркоманијата(?), а во учебникот „Психологија на родот“ се промовира „идејата дека геј-луѓето, заедно со педофилите, се здружени во „подмолно меѓународно вмрежени групи“ со цел да регрутираат млади геј-луѓе“.

Хетеронормативната пристрасност произведува исклучиви хетеросексистички ставови, со кои се зајакнуваат негативните стереотипи и предрасуди кон нехетеросексуалците.  На пример, во анализираните учебници по психологија „се презентира ставот дека нехетеросексуалните лица не се способни за вистинска љубов (туку само за секс), дека нивните врски се инфериорни во споредба со оние на хетеросексуалците и дека тие не се погодни да бидат родители“.

3) Пропагирање на религиозни догми

Анализата на универзитетските учебници по психологија укажува на тоа дека „авторката е впуштена во крстоносен поход против хомосексуалноста и ова резултира со професионална неодговорност, екстремна пристрастност…“. Анализата предупредува дека „крајно е алармантно тоа што во своите учебници Мурџева-Шкариќ ја пропагира христијанската догма како извор на морална и научна вистина“.

4) Занемарување на ЛГБТ-темите

Анализите на учебниците „Социологија“ и „Социјална патологија“ укажуваат на „сериозен недостаток на фундаментални прашања“, невоведување на концептот на ЛГБТ, како и „фактот дека постоењето на трансродови идентитети и практики никогаш не се споменува“.

Анализата на книгата „Семејно право“, напоменува дека „недостаток на оваа книга е што во ниту еден момент не зборува за правата на ЛГБТ-лицата, а има голем простор за тоа“.  И анализата на книгата „Политика на човековите права – основни поими“ доаѓа до заклучокот: јасно се гледа дека во книгата изостануваат теми што ги тангираат ЛГБТ-лицата“, и покрај тоа што книгата се занимава со основните концепти на политиката, државата, власта, политичкиот систем, демократијата и на човековите права.

Препораки и укажувања

Најголем дел од препораките се однесуваат на измени на детектираните хетеросексистички и хомофобични содржини, но и на воведување на концепти, теми и на прашања во врска со сексуалната ориентација и со родовите идентитети / изразувања.

Катерина Колозова препорачува социјалното вклучување на маргинализираните групи да се воведе како посебна тема, да се користи родово чувствителен јазик, и да се овозможи „видливост на цел еден род и на маргинализираните форми на сексуалност, како и на „културната, расната, етничката и класната разлика“.

Беким Кадриу препорачува сеопфатна анализа на сите учебници и воведување на содржини „што ги промовираат толеранцијата, еднаквоста, недискриминацијата и правата на лицата од различните сексуални ориентации, во согласност со меѓународните стандарди и добрите практики од други демократски држави“. Исто така, препорачува „формирање на посебно тело во Министерството за образование и наука (или во рамките на Бирото за развој на образованието) што ќе ги прегледува книгите и ќе предлага исклучување на содржини што би биле во спротивност со духот на толеранцијата, еднаквоста и на недискриминацијата на лицата од различните сексуални ориентации и родови идентитети“.

Славица Гајдаѕис-Кнежевиќ препорачува на авторите на учебниците да им се упати барање за ревизија на „нестручните и непрофесионални ставови“, за да се превенира „понатамошната стигматизација и маргинализација на лицата со различна сексуална ориентација“.

Снежана Врангалова заклучува дека „изопаченото претставување на хомосексуалноста и бисексуалноста во образовниот систем“ создава „‘лажни’ стручњаци во областа на психологијата, кои се наоружани со идеолошки заблуди, наместо со научно основани знаења и вештини“. Таа сугерира дека луѓето за кои идеологијата е поважна од вистината „не смеат да ги пишуваат учебниците, со кои ќе се образуваат младите луѓе во нашата земја“.

Георги Медаров препорачува отстранување на политички некоректниот говор (на пр. дискриминацискиот и патологизирачки термин „хомосексуализам“), воведување на концептот на ЛГБТ, како и овозможување на поголема видливост на нехетеросексуалните социјални практики и идентитети, преку воведување на други релевантни концепти, прашања и дебати. Исто така, тој препорачува „лекување“ на хетеронормативната пристрасност, преку признавањето дека „во денешно време хомосексуалноста не се смета за девијантна, додека хомофобијата е илегална и девијантна од перспектива на активистите за човекови права и на законодавството“.

Коалицијата ќе ги достави овие анализи и препораки до авторите на учебниците и до сите надлежни институции, со надеж дека ќе следува итна ревизија на посочените дискриминациски наставни содржини. Коалицијата се надева дека надлежните институции сериозно ќе ги земат предвид и другите препораки што ја адресираат неопходноста од остварување на правото на образование што ќе одговара на потребите на учениците и на студентите од сите сексуални ориентации и родови идентитети.